Вкупниот број на заболени лица од коронавирус во Македонија, заклучно со вчерашниот ден, се искачи на 1.386 случаи. Вчера потврдени се 19 нови случаи во седум градови во земјава.
Регистрирани се случаи во скоро сите возрасни групи, најмногу од нив, 7 во возрасната група над 60 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 7 женски и 12 машки лица.
Вкупниот број на смртни случаи во Македонија од коронавирус е 61, а на оздравени лица е 500. Од вкупниот број на смртни случаи најголем дел се на возраст над 60 години (n=41) Регистрирани се 43 смртни случаи кај лица од машки и 18 кај лица од женски пол.
Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 27 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп.
Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 656 машки и 730 женски лица.
Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (просек – 44,7 години). Најголем број на заболени се на возраст од 50-59 години – 288 (20,8%). Кај лица над 60 години регистрирани се 285 случаи, кај деца на возраст од 10-19 и 0-9 години се пријавени 56 и 51 случаи соодветно.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,8%), кашлица (53,1%), малаксаност (34,5%), треска (19,0%), главоболка (16,4%), болка во грло (15,9%) и отежнато дишење (14,7%).
Кај 485 или 35,0% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 344 или 70,9% имале контакт со веќе потврден случај во државата.
Регистрирани се 227 (16,4%) случаи на заболување меѓу здравствени работници. Од 15-ти февруари во Македонија се извршени 15.120 тестирања на коронавирус.