Повеќе од 200 илјади новозаразени лица со треска предизвикана од пандемијата на Ковид-19, веќе петти ден по ред објавува Северна Кореја. Според информациите кои ги пренесува јужнокорејската новинска агенција, бројот на вакви случаи надминал 2 милиони.

Актуелниот бран на инфекции со Ковид-19 во Северна Кореја, објавен минатата недела, предизвикал загриженост за недостаток на вакцини, несоодветна медицинска инфраструктура и потенцијална криза со храна во оваа 25-милионска земја, која одбива странска помош додека ги држи границите затворени.

Вчера вечер имало 219.030 нови лица со знаци на треска, со што вкупниот број на такви случаи достигна 2.460.640, соопшти Корејската централна телевизија (КЦТВ), цитирајќи податоци од државната администрација за борба против епидемијата. Бројот на починати досега достигнал 66.

Со оглед на фактот дека во Северна Кореја нема национална кампања за вакцинација, додека капацитетот за тестирање е ограничен, експертите проценуваат дека податоците објавени од државните медиуми би можеле да бидат потценети и дека е тешко да се процени големината на бранот на пандемијата.