Нови 87 случаи на коронавирус се потврдени во вчера. Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 3.239, бројката на оздравени пациенти е 1.658, на починати е 157, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.424.
Најголем број дијагностицирани 1.373 има во Скопје, додека бројот на активни случаи изнесува 760, потоа следат Куманово со 568 дијагностицирани и 150 активни случаи, Тетово со 301 дијагностицирани и 135 активни случаи, Штип со 223 дијагностицирани и 185 активни случаи, Прилеп со 218 дијагностицирани и 25 активни случаи…
Заклучно со податоците активни случаи во Скопје и околината има во: Чаир-192, Бутел-68, Центар-66, Гази Баба-63, Аеродром-61, Карпош-57, Сарај-55, Кисела Вода-37, Ѓорче Петров-23, Арачиново-23, Шуто Оризари-21, Студеничани-20, Илинден-18, Петровец-6, Чучер Сандево-3, Сопиште-2 и Странец-2.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на својот ФБ профил напиша дека само заеднички може да успееме во оваа битка и да го спречиме ширењето на коронавирусот.
– Апелирам сите да се придржуваме до мерките за заштита. Да носиме заштитна опрема, да одржуваме физичка дистанца и често да ги миеме рацете. Успешно се справивме со првиот бран, верувам дека и овој пат ќе донесеме правилни одлуки и побрзо ќе го спречиме ширењето на вирусот, напиша Филипче.
Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери истакна дека 60 отсто од вкупниот број активни случаи во градот се асимптоматски, што, како што рече, е многу важно и затоа сите треба да бидеме претпазливи.
– Во последниве денови имаме многу такви случаи, кои се асимптоматски и кои може полесно да ја шират болеста. Да ги почитуваме мерките, да ја држиме физичката дистанца, да не се групираме и да носиме заштитни маски, посочи д-р Зибери.