Прогресивниот данок дефинтивно се воведува од стартот на идната година, прагот е одреден на 1000 евра или 60 илјади денари бруто вредност. Според сознанија на Телма, ова значи дека границата всушност е утврдена на 54 илјади денари нето, па сите што месечно заработуваат повеќе од овој износ, за делот над него ќе плаќаат прогресивна даночна стапка од 18 отсто.
Во јавноста веќе протекоа делови од работната верзија на законот со кој ќе се воведе даночната реформа. На сајтот Фискална транспарентност неодамна беше објавено дека годишниот износ на бруто приходите над кои ќе има прогресивна стапка, е 720 илјади и еден денар. Како приходи кои се оданочуваат се сметаат месечната плата од редовната работа, но и оние од договори на дело, како и членство во надзорни и управни одбори.
- Со измените на законот за данок на личен доход Владата предлага на доходот од работа, самостојна дејност, авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи, данокот да се плаќа со прогресивна стапка. Односно, за годишен приход до 720.000 денари, ќе се плаќа стапка од 10 отсто, а за изност од 720.001 денар, даночна стапка од 18 проценти, е наведено на сајтот.
Прогресивната стапка не е единствена новина. За доходот од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа и осигурување ќе се плаќа данок по единствена стапка од 15 отсто. Досега стапката за овие приливи беше 10 проценти, но имаше голем број даночни ослободувања, кои од 2019, според сознанија на Телма, ќе бидат значајно редуцирани.
Една од промените е и дека се планира граѓаните и фирмите да плаќаат данок на каматите кои ги добиле од своите заштеди во банките, ако нивната добивката изнесува над 15.000 денари годишно. Проценките говорат дека штедачот треба да има влог од 30 илјади евра во банка, за да го опфати оваа мерка. Според наши сознанија, оваа новина треба да стартува од 2020. Сега воопшто не се плаќа данок на каматите од штедните влогови.
Овие две новини се изненадување за граѓаните, бидејќи досега не беа ни навестени од министерството за финансии, ниту ги имаше во предизборната програма на СДСМ, за разлика од прогресивниот данок кој беше најавен.
Од Финансии денеска одлучија да не ги коментираат, овие, како што ги нарекуваат, шпекулации, кои не биле базирани на факти, но ниту ги демантираа, ниту ги потврдија. Велат дека конечните решенија уште не се донесени, и допрва во следниот период ќе спровеле темелна анализа за фер даночна политика.
- Решенијата за воведувањето фер даночен систем не се донесени и истите ќе се темелат врз основа на аргуменирана дебата која се базира на анализи и податоци во следните месеци. Министерството за финансии работи во интерес на подобрување на фискалната политика, и со тоа подобрување на животниот стандард на сите граѓани во Македонија, велат од Министерството за финансии.
Јавната дебата за даночните реформи се води уште од почетокот на годинава, а пред неколку месеци беше причина и за несогласувања на јавна сцена меѓу министерот Тевдовски и вицепремиерот Анѓушев, кој сметаше дека прагот од 1000 евра е пренизок и може да биде дестимулативен за бизнисот.
Рамниот данок, односно стапка од 10 отсто и за персоналецот и за данокот на добивка, беше воведен на стартот на 2007, а се дотогаш имаше прогресивни стапки, кои се менуваа во неколку наврати.