ВМРО-ДПМНЕ денеска упати соопштение до јавноста кое е резултат на прес конференцијата на Владата на тема попис. Од партијата посочуваат дека поради недостигот на вакцини и некомплетната имунизација ниту на лекарите, ниту на граѓаните на Македонија, СДСМ со одлуката за попис го жртвува здравјето на народот. Се соочуваме со нови над 2.000 смртни случаи од КОВИД-19 и колапс на здравствениот систем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост соопштението на ВМРО-ДПМНЕ до јавноста:
– СДСМ го жртвува здравјето на народот. Попис во април ќе значи нови над 2.000 смртни случаи. Заев не успеа да набави вакцини, не се имунизирани ни лекарите во целост, а не пак попишувачите. Попис без завршена имунизација е кобен за граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Во пописот ќе учествуваат 5.500 попишувачи, ако ги следиме статистиките, еден заболен пред да биде откриен го пренесува вирусот на нови 9 лица, доаѓаме до бројка од 49.500 лица на кои ќе биде пренесен вирусот. И во Македонија смртноста е меѓу највисоките или е 4,9 проценти, што значи дека попис во април ќе значи 2.400 мртви од КОВИД-19 и ќе значи колапс на здравствениот систем затоа што педесттина илјади луѓе ќе заболат, стои во партиското соопштение и се додава:
„Наспроти хаосот кон кој ја носи СДСМ државата, ВМРО-ДПМНЕ предлага попис на есен, кога би се спровела имунизација и ќе се заштитат животите на луѓето. Попис по секоја цена е смрт за народот“.