Во текот на изминативе неколку дена, Централната Комисија за Животна средина на ВМРО-ДПМНЕ на својата официјална фејсбук страна објавува текстови во кои се осврнува за скорешните еколошки катастрофи кои се однесуваат за целата територија на Република Македонија. Во едниот од нив се говори за случајот со парк-шумата Водно која е од голема важност за главниот град Скопје бидејќи истата ги штити граѓаните од можни поплави, ерозии, свлечишта на земјиштето, а во истовреме претставува и важна алка во еко-синџирот како дом за многу ендемични видови на растителен и животински свет.
Имено од МЖСПП се отфрла барањето за заштита на оваа планина од највисок вид и се става во категорија на подрачје со најнизок степен на заштита, односно подрачје од 5-та категорија-Заштитен предел. Од Комисијата за животна средина посочуваат дека наместо да добиеме цела планина во заштита на градот, добиваме погодно градежно земјиште за урбаната градежна мафија на актуелната власт да може да го допродаде и доизгради и оној дел од планината Водно што треба да е под заштита и недопрен.
Оваа одлука на МЖСПП најмногу ги допира граѓаните на Скопје кои се најзасегнати и се изложуваат на непотребен ризик од несреќи поврзани со свлечишта и ерозии кои нема да бидат предизвикани од мајката природа туку од човечкиот фактор кој ќе биде главната причина за нивното можно појавување, а да не заборавиме дека ваквите одлуки во голема мера се штетни и за животинскиот и растителен свет кој се од огромна важност за целокупниот еко-систем.
– Свесни сме дека во минатото имаше прекршување на овие закони дека никнаа објекти како Шпанско село, Сончев град и други, но со новите одредби и залагања на оваа нечовечна и незаинтересирана за заштита власт на народот и граѓаните на главниот град Скопје, во иднина се зголемува можноста за поголем број на потенцијални несреќи, еколошки катастрофи, нарушувања на еко и био диверзитети, уништувања на флора и фауна, само во интерес да се заработи денар плус во сопствените џебови и сето тоа од парите собрани од даноци на целиот македонски народ, велат од Комисијата.
Во продолжение од Комисијата за животна средина се осврнуваат и на проблемот со природните богатства на Македонија. Во овој случај станува збор за празнење на хидро-акумулациите, како и драстично намалување на водите на Тиквешкото езеро и Мавровското езеро. Дали сега на ред дојдоа реките, езерата, за потоа да следат шумите, парковите, планините! Ке имаме ли наскоро доволно вода за пиење, прашуваат од Комисијата за Животна средина.
Статистиките покажуваат дека Тиквешкото езеро е намалено за неверојатни 70%, хидро-акумулациите се намалени за повеќе од 2/3 од своите капацитети, а Мавровското езеро со своите исушени брегови се наоѓа во катастрофална состојба. Каде се властите? Кој ќе сноси одговорност за обезличување на природата во Македонија?, повторно прашуваат од Комисијата.
Ваквата состојба со водите во Македонија претставува ризик за сите Македонци поради фактот што ова е нешто кое ќе се одрази во голема мера на генерациите што следат, а водата која живот значи ќе претрпи големи загуби и намалувања. Повторно на ризик се става и целиот животински свет и растителен свет, нивните природни живеалишта што неизбежно ќе предизвика нарушување на целокупниот еко и биодиверзитет.
Со празнење на вештачките и природните акумулации, Македонците ширум Македонија се ставаат во ризик. Дали во годините што следат ќе имаме доволно вода за пиење? Прашање кое после вакви катастрофи и испразнети реки и езера е нормално да се праша. Но, Прашањето што е најважно да се постави во моментот е: Зошто Власта не превзема посериозни односно некакви мерки за спречување на овие еколошки катастрофи? Во моментот превзмените мерки се НИКАКВИ!, посочуваат од Комисијата.