Клиниката за токсикологија е пример за непочитување на стандардите со раководењето на универзитетските клиники. Тоа е резултат на меѓупартиски пазар направен на шверцерски начин, се вели во соопштението до јавноста на ВМРО-ДПМНЕ.

– Компетентноста на директорот Генц Селмани кој е специјалист од областа на семејна медицина се доведува во прашање и здравствените работници кои се професионалци со право прашуваат како доктор по семејна медицина води Клиника која претставува највисоко ниво здравствена заштита. Ова е особено актуелно поради неодамнешниот случај на затруени пациенти со пестициди кои треба да се лечат на Клиниката за токсикологија.

Го потсетуваме Селмани на неговата изјава „ќе си покаже времето дали сум или не компетентен“ кој нема преземено ниту една активност за подобрување на состојбата на Клиниката, а здравствен персонал продолжува да заминува.

На УК за токсикологија, пациентите и натаму не се третирани во соодветни услови и наместо во нови и натаму добиваат здравствена услуга во стар објект.

Поради ваквиот паушален и несериозен пристап како кон здравствените работници, така и кон пациентите потребно е да се преземе одговорност и истиот да ја напушти директорската позиција, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.