Илјадници граѓани од почетокот на годината се во мака и тешки проблеми поради несватливото однесување на СДСМ. Мислејќи дека ќе ја блокираат работата на новата министерка Рашела Мизрахи, ги оставија луѓето на милост и немилост.

Со поништувањето на решенијата за разрешување од должност на овие лица и именување на нови во посочените места, Владата директно се вклучува во продолжување на агонијата на илјадници граѓани.

Владата на Република Македонија, директно преку дополнителната заменик министерка Санела Шкриејљ, го опструира работењето на Министерството за труд и социјална политика. Со поништувањето на Решенијата за именување на  в.д директори тие директно го опструираат и попречуваат нормалното функционирање на Центрите за социјални работи и нанесуваат директна штета врз најранливите категории на граѓани. Имено, сите незаконски назначени  в.д директори го опструираат работењето на центрите со земање на „оркестрирани боледувања” отворени во ист ден.

Нестручните и некомпетентни партиски кадри на СДСМ биле вршители на должност спротивно на тогаш важечкиот член 187 став 2 од  Законот за социјална заштита и за истото ќе биде поведена постапка за злоупотреба на службена дожност против тогашната министерка Царовска. СДСМ во недостаток на стручни и компетентни кадри, именувал едни исти несоодветни  в.д директори  и по неколку пати иако член 187 став 1 од Законот за социјална заштита не го дозволува тоа. Министерката Царовска со цел да им овозможи функции на нестручните и партиските кадри, направила и промена на Законот за социјална заштита со цел нивно назначување. Целта на техничката Влада е да се спроведат фер и демократски избори, но лицемерието на СДСМ преку опструкција на нормалното функционирање на центрите директно влијае на нарушувањето на изборниот процес.

Го повикуваме Зоран Заев да престане да ја опструира работата на Министерството, во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Ова е срамота, греота и целосно несфатливо однесување, а таквото однесување  на СДСМ луѓето ќе го казнат на следните избори.