Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во скопски Чаир доби нова опрема, која е донација од проектот ХОПЕ во рамки на проектот „ПериМак“. Гинекологија Чаир доби девет нови ЦТГ апарати за следење срцева акција кај плодот во матката, ехо апарати за вродени аномалии, три гинеколошки ехо апарати, апарати за брза кардиореспираторна реанимација, апарати за откривање билирубин од кожа и за скрининг на слух на сите новороденчиња. Во донацијата е вклучен и породилен кревет, а дел од апаратите болницата за прв пат ги доби.
„Нашите доктори се вклучени во онлајн тренинг за ЦТГ со кралскиот институт за гинекологија и акушерство од Лондон, и оваа едукација ќе трае една година“, кажа Филипче.
Тој кажа дека заедно со експертската група од обединетите нации, која направи увид во сите родилишта во земјава, направиле план како да ги доекипираат здравствените установи со кадар и како да се набави потребната опрема за работа.
„Ќе вработиме гинеколози, анестезиолози, неонатолози. Заедно со фондациите кои работат со донации ја проценуваме потребата од донации, како и потребата од набавка на нова опрема. Врз база на тој план ќе ги екипираме и дополниме со опрема оние родилишта во кои има недостиг“, кажа Филипче.
Дали донациите се доволни, дали апаратите сами работат, каде ќе се најде соодветниот кадар, на крај дали сето тоа ќе профункционира со цел да се намали смртноста кај новороденчињата, јавноста се прашува, министерот многу вети, малку исполнува и на крај се се завршува со многу казни за народот, посочуваат граѓаните.