Властите на градот Џенгџу во централната кинеска провинција Хенан, денеска наредија ограничувања и затворање на шест милиони луѓе по регистрираните случаи Ковид-19. Локалните власти наредија голема скрининг-кампања во неколку градски окрузи. Жителите на центарот на градот не смеат да ја напуштат областа без негативен ПЦР-тест и дозвола од локалните власти. Исто така, им се советува да не ги напуштаат своите домови.
Мерките се однесуваат на половина од жителите на Џенгџу, но не ја покриваат областа на фабриката за изработка на телефоните „ајфон“ каде што веќе се воведени ограничувања за вработените.
Демонстрации на вработените избувнаа вчера во големиот индустриски комплекс “Ајфон сити” во Џенгџу, каде се вработени околу 200 илјади луѓе, од кои повеќето и живеат таму. Според вработените и видеата објавени на социјалните мрежи, работниците протестирале поради спорните договори, но и строгите рестриктивни мерки за контрола на Ковид-19.
Соочени со зголемен број на заразени во последните месеци, дел од работниците избегаа на крајот на минатиот месец, жалејќи се на хаосот и неорганизираноста што владее во комплексот што е под карантин.
Министерството за здравство денеска објави нов рекорд по бројот позитивни случаи на Ковид-19 во последните 24 часа. Регистрирани се 31.444 случаи на инфекција, од кои 27.517 асимптоматски. Таа бројка го надминува претходниот рекорд од 29.317 случаи од средината на април кога беа воведени органичувања во Шангај.