Во Охрид денеска е презентирана опрема за спасување обезбедена во рамки на прекуграничниот проект „Регион Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“. Со проектот се планира и да се формираат центри за спасување на планина и на вода во Охрид, односно Поградец.

Станува збор за опрема за спасување на вода и во планина набавена преку проект на општинската организација на Црвениот крст од Охрид вреден 415 илјади евра, поддржан од Црвениот крст на Македонија, а финансиран со средства од фондовите на ЕУ преку ИПА 2 програмата за прекуграничка соработка.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на промоцијата изрази задоволство што се работи за активност реализирана во туристички регион, а за кој изрази уверување дека ќе придонесе за развој на алтернативните форми на туризам како авантуристичкиот.

  • Авантуристичкиот туризам освен природни можности прилагоден на барањата на современиот туризам треба да гарантира и безбедност. Тоа значи соодветна опрема за брза и безбедна акција и спасување во случај на потреба, рече Фазлиу најавувајќи дека преку овој проект ќе се формираат два центра за спасување за интервенции во вонредни ситуации и тоа Центар за спасување на планина во Охрид и Центар за спасување на вода во Поградец, со обучени околу 80 спасувачи.

Министерот Фазлиу истакна дека новоформираните центри за спасување и вооставените процедури и стандарди за управување со ризици ќе бидат активно промовирани кај туристичките агенции, оператори и провајдери, со цел да се искористат за подобрување за конкурентноста на регионот „Охридско Езеро како атрактивна дестинација за авантуристички туризам“.

  • Овој проект е потврда дека секоја добра идеја и иницијатива секогаш се наградени. Преку Министерството за локална самоуправа општините, граѓанските организации и другите непрофитни субјекти секогаш ја имаат можноста да обезбедат средства преку ИПА програмата на ЕУ за прекугранична соработка како што е овој, рече Фазлиу, изразувајќи уверување дека слични проекти ќе добијат поддршка и во вториот програмски период од ИПА претпристапните фондови на ЕУ за прекугранична соработка.

Раководителот на Секторот за соработка при Делегецијата на Европската комисија во Македонија Никола Бертолини истакна дека фондовите за финансиска поддршка на ЕУ големо внимание посветуват на развојните програми на периферните региони што географски се далеку од поголемите градови и индустриски центри. Тој потсети дека главните компоненти за развој на тие региони се насочени кон заштита на животната средина, истовремено овозможувајќи одржлив економски развој.

  • Ние инвестираме 12 милиони евра во развојни проекти за прекугранична соработка. Тоа се програми што се од полза на самите граѓани, што придонесуваат за зближување на културите, иницираат толеранција, кохабитација, проектираат заедничка иднина, рече Бертолини, најавувајќи дополнителни средства за развој на регионите во Југозападниот дел на Македонија.

Според Бертолони, инвестициите во опрема за спасување, се екстремно ниски трошоци споредено со вредноста на еден спасен човечки живот.

  • Голема благодарност до Црвениот крст за проектот, за тоа што тој ќе значи за луѓето кои живеат тука, секако и за авантуристите што е го посетат регионот, а тоа е сигурноста дека ќе бидат згрижени во случај на незгода или потреба при вонредна ситуација, рече претставникот на ЕУ.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски изрази задоволство што овој проект од една страна ги унапредува пријателските односи со општините од албанската страна на Охридското Езеро, а од друга страна директно придонесува кон подобрување на квалитетот на туристичката понуда на регионот.

  • Тоа значи нов квалитет во туристичката понуда, квалитет кој значи нова форма на туризам во која се валоризирааат и ќе се искористуваат природните вредности заради кои Охрид и е забележан на мапата на УНЕСКО, рече Стојаноски.

Проценките на релевантните туристички асоцијации предвидуваат дека уделот на алтернативните форми на туризам каков што е авантуристичкиот глобално до 2020 година ќе достигне завидни 46 проценти, што претставува огромен економски потенцијал.