Наум Рибароски од Граѓанската иницијатива заедничко и одговорно родителство по развод истакна дека барањето за измени е резултат на забележувањето дека се повеќе деца се предмет на родителско оттуѓување, односно влијание на едниот родител за да го отфрлат другиот, што, вели, е една од најтешките форми на злоупотреба на децата и е директна последица од начинот на постапување на државата со децата од разведени бракови и нивното доделување на чување и воспитување на само еден родител. Исто така, рече тој, се забележува дека државата нема намера да застане на пат на ваквата злоупотреба на децата.
– Лекот за родителското оттуѓување е имплементирање на принципите на заедничко и одговорно родителство по развод. Во таа смисла, на 25 Април ќе ги поднесеме нашите барања до Собранието и до Владата на РМ, надевајќи се дека надлежните конечно ќе се свртат кон решавање на овој горлив проблем, наместо досегашните изговори зошто не може да се реши, рече Рибароски на денешната прес-конференција.
Појасни дека како иницијатива се залагаат за воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство.
– Детската амбасада „Меѓаши” се залага да се даде ваква можност кога ќе оценат Центрите за социјална работа дека двајцата родители може да преземат еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој. На овој начин, двајцата родители ќе имаат исти права и обврски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот, рече претседателот на Меѓаши Драги Змијанац.
Досегашниот концепт на еден главен родител на кого му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, сметаат од Иницијативата е пред се штетен за децата кои де факто го губат едниот родител.