Здравствените власти во државата Вашингтон во неделата вечер соопштија дека второ лице починало од коронавирус, маж во 70-тите години од дом за стари лица во близина на Сиетл, каде десетици луѓе биле болни и биле тестирани на вирусот.
Истражувачите велат дека е можно вирусот со недели да циркулирал неоткриен во државата Вашингтон, јави АП.
Во соопштението на властите од Сиетл се вели дека мажот починал во саботата. Првиот смртен случај од коронавирус во САД здравствените власти го објавија во петокот соопштувајќи дека маж во 50-тите години починал од коронавирус. Двајцата веќе имале здравствени проблеми, и двајцата биле лекувани во болница во Киркланд, Вашингтон, источно од Сиетл.
Вашингтон сега има 12 потврдени случаи.
Државните и локалните власти ги засилија тестовите за вирусот со зголемување на бројот на нови случаи на национално ниво, така што нови зарази се објавени во Калифорнија, Флорида, Илиноис, Род Ајленд, Њујорк и Вашингтон.
Властите во Сиетл објавија четири нови случаи во неделата вечер, меѓу кои и човекот кој почина. Исто така и двајца здравствени работници во Калифорнија биле дијагностицирани. Од новите случаи во државата Вашингтон, две биле жени, една во нејзините 80-ти и другата во 90-тите. И двете во критична состојба. Еден маж во 70-тите години исто така се наоѓа во критична состојба. Сите тројца се од домот за стари лица во Киркланд, Вашингтон, каде здравствените работници кажаа дека 50 луѓе се болни и се тестирани за вирусот.
Во неделата вечер, Меѓународната асоцијација на пожарникарите соопшти дека 25 нивни члена кои одговориле на повиците за помош во домот за нега се ставени во карантин.
Првиот случај во САД е човек од Вашингтон кој бил во посета на Кина, каде што за прв пат се појави вирусот, но неколку неодамнешни случаи во САД немаат позната врска со патниците.
Во Калифорнија, двајца здравствени работници од Заливската област на Сан Франциско кои се грижеле за пациент со коронавирус, во неделата им е дијагностициран вирусот, се вели во заедничката изјава на округот Аламеда и Солано.
Округот Аламеда по вестите во неделата прогласи вонредна состојба.
Во Орегон, државните здравствени власти во неделата соопштија дека второ лице е позитивно тестирано за вирусот. Се работи за возрасно лице кое било во контакт со првото лице од Орегон позитивно тестирано на вирусот и не му е потребна медицинска помош, соопштија надлежните.
Во неделата властите го објавија и третиот случај во Илиноис, вториот во Род Ајленд и првиот случај во Њујорк. Американците поради стравот од вирусот ги преплавија продавниците за да складираат основни производи, како што е флаширана вода, конзервирана храна и тоалетна хартија.