Појадокот е најважниот оброк во денот и вреди да вложите малку повеќе време за да си обезбедите висококвалитетна храна, која ќе ви ја даде потребната енергија, а нема лошо да влијае на вашето здравје. Затоа, одвојте неколку минути секое утро и подгответе си здрав појадок.
Ако само малку ги промените своите навики и вложите повеќе труд, ќе се храните здраво, без оглед на брзиот современ живот и преоптовареното секојдневие. Обидете се и ќе се чувствувате поздраво и подобро расположени.
Корисни совети што ќе ви заштедат време, а се во корист на вашето здравје
Направете мешавина од овесни снегулки и суво овошје и спакувајте ја во мали кесиња. Држете ги на посебно место во кујната, секогаш нека ви бидат на дофат и подгответе ги кога ќе бидете во најголем метеж. Промешајте ги со јогурт или млеко и уживајте во брзиот здрав појадок.
Подгответе си брз сендвич со леб, павлака, шунка и зеленчук или, пак, во слатка варијанта – лепче со малку путер и мармалад. Ако не сакате да појадувате веднаш штом ќе станете, овие сендвичи се лесни за пакување и носење на работа.
Кога веќе ќе појадувате, задолжително понесете со себе и овошје. Три часа по појадокот е одлично време за витаминска ужина. Јаболкото, портокалот или бананата спакувајте ги соодветно и понесете ги во чантата.
Секогаш на дофат имајте енергетски житни плочки. Во кола, во чанта, во канцеларија. Надоместете ја енергијата во кој било дел од денот со ваков десерт.
Предлози за брз и здрав појадок.
Сендвич со путер и мармалад, шолја јогурт или овошен сок (1 минута подготовка).
Корнфлекс или мусли со сушено овошје во 200 г безмастен јогурт или овошен сок (1 минута подготовка).
Варено јајце, парче шунка, леб, чај (5 минути подготовка).
Сендвич со нискомасна павлака, шунка и зелена салата или домат, чај или јогурт (2 минути подготовка).
Подгответе здрав оброк на работа.
Сендвич од интегрален леб со туна или ситно сечкано пилешко, со многу салати во него и, наместо мајонез, намачкајте нешто лесно.
Сендвич полнет со домашно подготвена руска, пилешка или салата по ваш избор.
Доколку нарачувате храна, секогаш одбирајте високоенергетски производи. Многу зеленчук во комбинација со малку месо или риба е одлична комбинација.
Продукти што секогаш мора да ги имате во кујната за да се храните здраво се: јогурт, овошен сок, сечен леб, шунка, нискомасна павлака, мармалад, корнфлекс/мусли, енергетски плочки од овесни снегулки, сезонско овошје и свеж зеленчук.