Oд следниот месец здравствените работници, лекарите, медицински сестри, младите лекари специјализанти и помошно техничкиот персонал ќе добијат покачување на платите. Но болничарите возачи во здравствените установи од фебруари ќе добијат покачување за само 5 отсто. Со тоа само административците во здравството остануваат без посакуваното и договорено покачување на платите.
Др. Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на Клинички центар, истакнува дека 2020-та година ќе ја посветат на борбата за изземање на нивниот административен персонал од останатиот административен персонал во државата за да можат и тие да добијат повисоки плати.
Но и покрај покачувањата на платите кои се очекуваат во текот на следниот месец, одливот на лекари и медицински сестри од земјава продолжува. Во 2019-та над 150 доктои се иселиле од земјава, а ништо подобри не се ниту бројките на медицинските сестри кои заминуваат. Според анализите на здравствените власти, најмногу недостастуваат анестезиолози, а во многу здравствени установи има недостаток и од кардиолози и уролози. Засега докторите ротираат и работат во повеќе болници истовремено. Министерот Филипче на долг план планира отворање на регионални здравствени центри и посочува дека е новозможно во секое место да има секаква експертиза, бидејќи за тоа е потребна постепена едукација на младите лекари. Со тоа се потврдува и фактот дека одливот на медицински персонал е реална и загрижувачка состојба на која треба да се обрне сериозно внимание.
Проблем се и бројните започнати, а недовршени проекти во здравството. Болницата во Штип наместо да биде веќе готова сега ќе чини 7 милиони евра повеќе, бидејќи не била предвидена електриката. Болницата почна да се гради пред 5 години и уште нема знаци дека ќе биде завршена. Исто е и со новиот клинички центар кој се најавува 10 години наназад. Според последните најави на власта камен темелникот треба да биде удрен на почетокот на годинава, а објектот треба да биде готов за седум години.