– Здравствениот систем во државата е подготвен да одговори во случај на импортација на лица со коронавирус. Редовно се врши проверка на патниците на скопскиот аеродром со термалната камера, а покрај патниците што доаѓаат со летовите од Истанбул и Дубаи, на скопскиот аеродром се скенираат и патниците кои доаѓаат со лет од Доха. Исто така, викендот е извршена и проверка на двајца патници, кои пристигнале со лет од Белград. Граничната полиција утврдила дека доаѓаат од Кина и по проверката од аеродромската здравствена екипа било констатирано дека патниците се здрави, без никакви симптоми и се пуштени со препораки, посочи денеска д-р Гордана Кузмановска од Институт за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести.
Во моментов, се врши зајакнување на резервите за лична заштитна опрема и веќе е во процедура набавката на заштитна опрема, како што се маски, ракавици, очила, заштитни мантили и друга заштитна опрема, согласно препораките на Светската здравствена организација и процедурата за клинички менаџмент на пациенти и контрола и превенција на болеста.
-Согласно препораките на СЗО, државата презема мерки за задршка, односно за спречување на импортирање на случај. Досегашните сознанија за самиот вирус ни укажуваат дека иако не ги знаеме комплетно сите карактеристики на вирусот и начинот на негово пренесување, граѓаните треба да ги почитуваат препораките за заштита, како што се избегнување близок контакт со лица кои имаат респираторни симптоми, кашлање, кивање, почесто миење раце со сапун и топла вода, да се стави маска доколку во близина има лице со симптоми на респораторно заболување, како и да не се доаѓа во контакт со животни ако се патува во Кина, посочи д-р Кузмановска.