Од Министерството за здравство информираат дека веќе се обезбедени бесплатни вакцини за приближно 1500 здравствени работници, а се прават напори да се обезбедат дополнителни количини на бесплатна вакцина против грип за граѓаните, но не прецизираат дали и кога во земјава ќе пристигнат новите дози вакцини.
Др. Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје, пак, појаснува дека населението смее сè уште да прима вакцина против грип, ако стасаат нови дози, со оглед на тоа дека се зголемува бројот на заразени од ова заболување. Пикот во Македонија, вели Микиќ, се очекува да биде кон крајот на јануари и во текот на февруари и затоа не е доцна за вацинирање.
Инаку, за оваа сезона беа набавени вкупно 28 илјади бесплатни вакцини, наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени, како и здравствени работници.
Вон овие бесплатни вакцини, Центрите за јавно здравје набавија и 21.000 комерцијална вакцина, кои брзо беа потрошени.
Кога се најавуваше почетокот на бесплатната вакцинација кон крајот на ноември минатата година, во врска со тоа дали околу 50.000 дози вакцини ќе бидат доволни, Филипче изјави дека проценката за количината вакцини против грип била направена врз основа на интересот од минатата година, а најави и дополнителни дози вакцини.
Според изјавите на Филипче во ноември минатата година, „најавената донација вакцини е од Центарот за истражување во САД преку една нивна фондација и ако е потребно, ќе стигнат во нашата земја“.