Статистиките во однос на заболувањата од дијабет се сè позагрижувачки. Бројот на заболени секојдневно расте, во светски рамки, но и кај нас во Македонија. Пред сѐ ова се должи на лошите животни навики, стресот, начинот на исхраната и физичката неактивност, факти поткрепени од СЗО и други здравствени организации.

Но, кога станува збор за исхраната, тука проблемот е посложен. Повеќето од нас купуваат процесирани производи, подготвени за долготрајно чување и „збогатени“ со адитиви, едвај читливи. Сепак мора да ги прочитате за да знаете што купувате и дали одредени состојки штетно влијаат на вашето здравје, особено при нивна почеста употреба. Една од нив е и солта!

Основна состојка на солта е натриумот. Организмот на човекот има потреба од мали количиства на натриум, бидејќи е значаен за пренесување на нервните импулси, за контракциите и релаксирањето на мускулите, како и за одржување на правилен баланс на вода и минерални материи во организмот. Дополнително, солта е јодирана, односно има солидни количества од неопходниот минерал за нашето здравје – јодот.

Според Светската здравствена организација препорачан дневен внес на сол изнесува до 4g. Но, со денешниот вообичаен начин на исхрана, невнесувањето на повеќе од 4g сол преку исхраната, претставува вистински предизвик. Според одредени истражувања на американскиот ЦДЦ, дури 90% од возрасните лица внесуваат повеќе сол од што им е потребно.

Кога натриумот е внесен преку исхраната во доста поголеми количини, може да создаде проблеми како што се покачен или висок притисок, заболувања на срцето и срцев удар. Исто така, може да предизвика губење на калциумот, кој најчесто се губи од коските со што доаѓа до зголемен ризик од различни заболувања на коските.