Медицинскиот персонал купува билет во еден правец и се сели кон германските болници. Со години наназад домашните лекари заминуваат во „ветената земја“, за подобри работни услови и живот. А додека медицинските сестри се погласно говорат дека нивниот труд треба повеќе да се вреднува, а имаат и конкретни барања, кои преку синдикатите ги доставуваат до здравствените власти, Германците ги информираат за условите за работа во нивната земја, а младите кадри не размислуваат премногу, веќе ги пакуваат куферите.
Медицинскиот персонал не е задоволен од својот статус и од платите, велат, заминуваат во странство, бидејќи, Германците, освен стекнатото знаење, им бараат само да го познаваат Германскиот јазик.
Ниската плата е главната причина поради која, лекарската фела, но и целиот медицински персонал во земјава ја зафаќа треска за работа во странство. Па додека министерот Венко Филипче „креира“ здравствени реформи, лекарите масовно го „фаќаат“ првиот авион за Германија, а миграцијата се сведува на билет во еден правец.