Zan Mitrev Clinic ја доби државната акредитација за квалитет од страна на агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи. Во присуство на министерот за здравство, Венко Филипче, директорот на агенцијата, Анте Поповски, му го предаде уверението за стекнатиот степен на акредитација на директорот на клиниката, доктор Жан Митрев. Ова е огромно признание за Zan Mitrev Clinic, а посебно е важно затоа што конечно доаѓа од државните институции, покрај досега добиените светски признанија и докази за квалитетна и безбедна медицинска услуга. Доктор Жан Митрев потенцираше дека ова е уште еден доказ дека целата работа се движела по вистински пат и дека по 18 години постоење, претставува пример за сите други институции за тоа како се следат светските стандарди во квалитет паралено со домашните.

– После толку години мене ми е посебно мило што, така да кажам, државните институции ни даваат едно вакво признание. Сето ова што го правиме, секојдневната наша работа, од првиот ден кога сум дојден во Македонија до денеска, е пред се во насока на наша целосна посветеност кон пациентите. Сите тие стандарди кои се до сега направени, ги правевме во интерес на подобриот исход за пациентите, побезбедно да ги поминат сите тие процедури бидејќи свесни сме за комплексноста на медицинскиот систем воопшто и за сите можни грешки што можат да настанат. Нашата матура, прославата на 18 години постоење, беше одбележана со добивање на JCI стандардот, каде што освен што официјално ја положивме, влеговме и во историјата на JCI со тоа што успеавме од пријавувањето до реализацијата, до добивањето на JCI акредитацијата, да помине време помалку од една година. Тоа е за сите нас и за сите вас големо достигнување.

 

Меѓутоа, за прв пат и институциите на државата го препознаваат тоа дека и ние сме во Македонија, ние го работиме тоа за нашите луѓе, дека ние не сме против никој и дека до скоро имавме сите таков третман, дека ние сме како од другата страна, па дури и се наметнува чувството како да правиме нешто против системот на државата т.е. јавниот сектор. Не, тоа не е така. Тоа не е точно. Ова е само доказ дека сме биле на прав пат и покрај тоа што некогаш сме биле во дилема дали тоа некогаш ќе се препознае. Јас благодарам за ова признание, но уште поголемо признание е тоа што вие како министер и министерство тоа го препознавте и дека ваша е инцијативата за што како признание го кажавте пред јавноста и пред моите вработени, на кои не им беше лесно сето ова да го спроведат и да се преадаптираат за многу работи и да го прифатат тој процес на транспарентност и документација на секоја постапка, на секој контакт со секој пациент и на целиот процес кој што ние го правиме, градиме, развиваме континуирано сите овие години.

Колку што се радував за JCI, дека успеавме, исто толку се радувам сега дека оваа македонска акредитација е всушност пример и ќе биде пример сакале или не и за сите други да мораат да ги подигнат сите тие критериуми и стандарди во интерес на пациентите, бидејќи има институција во државава којашто функционира по тие стандарди и тоа не некаде таму далеку туку тука во Македонија. Можеме да стоиме на располагање на нашите институции и да бидеме во улога и на советодавни партнери и да помагаме каде што треба. Сега и државата сфаќа дека и ние сме исто така јавна институција – изјави доктор Жан Митрев.