За Универзитерскиот стоматолошки клинички центар Свети Пантелејмон распишан е оглас на кој заинтересираните кандидати можат да се пријавуваат само три дена. Упатените во здравството коментираат дека ова е невообичаено ако се земе во предвид праксата според која вообичаено огласите траат барем седум дена.
Но, истите извори велат дека е симптоматично што се примаат нови, а веќе постоечките кои имаат право за повисока плата, бидејќи откако се вработиле станале магистри, доктори на науки, специјалисти, остануваат да земаат плата на општ доктор, а им следува повисока.
– И сето ова се случува во период кога на вработените во јавните здравствени установи им се ветува покачување од пет проценти. Дополнително сите молчат и за фактот дека Синдикатот на Клинички се противи на покачувањето од пет проценти, туку ги бара ветените 15 проценти, коментираат извори од здравството.
Упатените велат дека низ Клиниката се говори дека овој последниот оглас наводно е отворен за конкретни личности, за блиски до директори, доктори, функционери од СДСМ.
Но, додека министерот за здравство Венко Филипче и надлежните водат сметка за кадровските решенија, вработените секојдневно се соочуваат со проблеми. Тие немаат ниту основен материјал за работа. Немаат цинк оксид веќе три месеци, а тоа значи дека на пациентите не може да им се лекува основен процес за било што потоа да се преземе.
Проблемите не сопираат тука.
– Лифтот е отцепен, не функционира, а некој сместува, поточно вработува партиски војници во установа, коментираат познавачите на приликите во здравството.