Европејците редовно одат на систематски прегледи, тоа го налага нивниот здравствен систем. Во Русија и кај нас, за жал, обично се живее по принципот „додека болеста не тропне на врата…“. Ајде да ги подигнеме нашата здравствена свест и култура! Во новата рубрика на списанието „Руски доктор“ ќе дознаете кои анализи и колку често треба даги правите за да не ги пропуштите раните стадиуми на болеста.

Рубриката ја отвора една од најсериозните и најактуелни теми – дијагностика на најчестите видови рак. Како да се заштитите открива лекарката и терапевтка Евгенија Анатолјевна Медведева (Минск).

РАК НА ДОЈКА

Ослободете се од вишокот килограми, оставете ги пушењето и алкохолот, посетувајте гинеколог (вклучувајќи и палпирање на млечните жлезди т.е. рачен преглед на дојките) еднаш годишно заради превенција, а по 40-та година еднаш годишно правете мамографија – и, ете, веќе не сте во зоната на ризик.

Сепак, во 15–20% случаи ракот на млечните жлезди има наследен карактер. Доколку некој од вашите блиски (мајка, сестра, баба) боледувал од оваа болест, има смисла да направите тест на гените БРЦА1 и БРЦА2. Ако во гените се откријат дефекти и мутации, значи дека постои ризик од појава на рак на дојка и на јајници. Патем, откако ги добила резултатите од овој тест, кои покажале висок ризик од појава на рак, глумицата Анџелина Џоли ги отстрани превентивно млечните жлезди, т.е. целите дојки. Сепак, не треба да донесувате толку радикални одлуки, но неопходно е да ги исклучите факторите на ризик и редовно да се прегледувате.

РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА

Доколку болеста се открие во ран стадиум (уште подобро во периодот на претканцерогените промени во клетките), шансите за победа се многу високи. Во текот на прегледот гинекологот ќе земе брис од грлото на матката и цервикалниот канал заради цитолошко испитување. Исто така потребно е да се направи тест на присуство на онкогени типови хуман папилома вирус (ХПВ 16 и 18, кои предизвикуваат 98% од сите случаи рак на грлото на матката). Ова овозможува смртноста поради ова заболување да се снижи за 70%.