Во дел од електронските медиуми во земјава денеска се пренесе информацијата дека околу 140 медицински сестри и друг здравствен персонал во Здравствениот дом во Скопје, повеќе од два и пол месеци немаат земено плата, работат без осигурување и без решенија за вработување.

Во своите изјави, медицинските сестри посочиле дека бидејќи се со договори на определено време, внимаваат да не се разболат бидејќи ако пропуштат само два дена, тогаш ќе им скратат од платата, која е минимална, само 20 илјади денари. Велат дека вака работеле и за време на пандемијата, па поради нерешен статус повеќето размислуваат да се иселат од државата, пренесуваат медиумите.

Директорот на Здравствениот дом во Скопје, Бесим Кока, посочил дека барањето за продолжување на договорите за 140-те вработени го поднел во декември минатата година, но сè уште не добил одговор од Министерството за финансии. Според Кока, одолговлекувањето на одговорот може да биде и од политички причини.

– Не 140, туку 5-10 од нив ако не функционираат, ние би биле дестабилизирани како институција. Затоа се многу битни, важно е многу брзо да ги земат. Како што знаете јас и некои други директори треба да бидеме разрешени од позициите затоа што мислиме поинаку. Можеби и тоа е дел од проблемот, посочува Бесим Кока, директор на Здравствен дом, се вели во медиумите.