Мислам дека сега сме во многу безбедна зона и дека тука ќе останеме барем неколку месеци. Сепак, мора да бидеме внимателни и да се подготвиме за евентуален нов бран на пандемијата, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски. Тој вечерва во телевизиско гостување посочи мора да бидеме внимателни затоа што не знаеме што ќе ни донесе есента.
– Сега сме во еден многу помирен дел од пандемијата, не би рекол дека е зад нас. Мора да бидеме внимателни, не знаеме што ќе ни донесе есента, но мислам дека имаме неколку месеци, пролет и лето, кои ќе бидат стабилни и мирни. Од есен ќе правиме нови планови како понатаму, рече Петличковски.
Како што посочи, иако во моментов голем дел од европските земји имаат високи бројки на новооткриени случаи, оптоварувањето на нивните здравствени системи е мало, и затоа со повеќе лагодност прибегнуваат кон олабавување на мерките.
– Истото се случува и кај нас, со тоа што благодарение на големиот број прележани луѓе, ние имаме малку посвеж имунитет од оној што западните земји го создаваа со вакцини со месеци наназад. Затоа кај нас паралелно со олеснувањето на оптеретувањето на здравствениот систем се намалуваат и бројките, додаде претседателот на Комисијата.
Тој напомена дека е потребна внимателност, односно да се подготвиме за евентуален нов бран. Тоа подразбира зајакнување на капацитетите за тестирање, обезбедување на соодветни лекови и навремена организација на сместувачките капацитети, изјави Петличковски. Информираше и дека во моментов има вкупно околу 50-тина хоспитализирани ковид-пациенти во сите болници, во сите инфективни одделенија во државата, за разлика од над 2 000 колку што имаше во максимално лошите денови.
Петличковски изјави дека нема да се откажат од вакцинацијата и додаде оти тоа мора да се објасни на сите граѓани.
– Да знаат дека доколку дојде нов сенски бран, се појави нова варијанта, вакцинацијата ни е излезот. Не можеме да си дозволиме луксуз, да се инифицираме и да видиме како ќе поминеме. Во најава има од сериозните компании некои комбинации на нови вакцини, кои се очекуваат од јуни натаму и ќе покриваат повеќе различни варијанти, значи ќе бидат ефикасни за создавање имунитет кон различни варијанти на вирусот. Кон оригиналната, плус омикрон и тоа би требало да биде една подобра опција. Ги следиме новините на пазарот и не се откажуваме од вакцинацијата, рече Петличковски.