Според информации на одредени медиуми Универзитетската клиника за психијатрија уште чека да го добие современиот лек „ксеплион“ (палиперидон палмеат), што се депо (ампуларни) препарати за лица со хронични психотични растројства. Директорот на Клиниката, доктор Стојан Бајрактаров, подвлекува дека за лекот „ксеплион“ добиле позитивно мислење од Министерство за здравство, а чекаат од Фондот за здравствено осигурување одобрување на условен буџет за овој лек, кој се користи во светот. Дека пациентите што имаат проблеми со менталното здравје бараат да им биде достапен новиот современ лек, Бајрактаров истакна уште пред три месеци. Укажа дека сега на корисниците им е достапен само еден современ лек „рисполепт конста“ (рисперидоне), кој е на позитивна листа.
Имено Бајрактаров појаснува дека лекот што го имаат и се користи за пациентите е „рисполепт конста“ (рисперидоне), а тој што го чекаат се вика „ксеплион“ (палиперидон палмеат). Тоа се депо (ампуларни) препарати за лица со хронични психотични растројства. Првиот се дава на две, вториот на четири недели. Како најново, во светот се појави и депо ампуларна терапија на три месеци, што е исто палиперидон по состав и се вика „тревикта“. Има и други лекови што се на позитивна листа, ама се стари генерации. Оваа е лек од најнова генерација, кој е раширен и прифатен во светот. Ние го баравме пред три месеци, а од Фондот за здравствено осигурување ни кажаа дека треба да влезе во буџетот за следната година.
На преговорите во Фондот како основно барање го наведовме тоа дека не се работи за ставање на позитивна листа туку дека бараме да добиеме условен буџет и за овој лек. Начелно ни одговорија дека ќе го добиеме, ама не можам да кажам дека е сигурно додека не добијам решение. Ни беше кажано дека треба да се чека годишен буџет. Очекуваме со проширување на позитивна листа уште понови лекови.
Во Македонија алармантно дури за десет отсто е зголемен бројот на граѓани што имаат проблеми со менталното здравје. На годишно ниво на Клиниката има околу 16.000 амбулантски прегледи, од нив околу 6.000 се во рамките на депресивни растројства, 2.500 на психотични растројства, а околу 600 се хроничен психооргански синдроми (деменции). Сите растројства се во голем пораст, депресијата е прва на листата не само во земјава туку и на светско ниво. Чести се и растројствата кај децата, а кај дечињата е сè поприсутен и аутизмот.