На војник, кој бил повреден во експлозија во Авганистан, за првпат во светот му е направена комплетна трансплантација на пенис и скротум, без тестиси, официјално соопштиле од болницата Џонс Хопкинс во американскиот град Балтимор.
Хируршкиот зафат бил изведуван 14 часа во операциона сала, а донатор бил починат човек.
Во соопштението од болницата било наведено дека во тимот, кој го оперирал војникот на 26 март, имало девет пластични хирурзи и двајца хирурзи уролози.
Повредениот американски војник, кој сакал да остане анонимен, заздравува од операцијата и се очекува оваа недела да биде пуштен од болница, пренесуваат светските медиуми.
– Кога се разбудив после операцијата, конечно се почувствував понормално со одредено ниво на самодоверба – изјавил војникот.
Лекарскиот тим извршил трансплантација на цел пенис, скротум (мадно кесе) без тестити и дел од абдоминланиот ѕид. Во медицината, операцијата изведена врз војникот стручно се нарекува васкуларизирана композитна алотрансплантација – што значи дека процесот вклучува трансплантација на кожа, коска, мускули, тетиви и крвни садови.
Во информацијата од светките медиуми се наведува дека кај пациентот ќе бидат воспоставени нормални уринарни, а постепено и сексуалните функции.
Но, бидејќи трансплантацијата не вклучувала пресадување на тестисите, кај пациентот нема да биде можна репродуктивната функција.