Лекари издавале фиктивни рецепти, а во организација со аптеки лековите биле давани бесплатно на лица кои потоа ги продавале во државата, но и во странство, рече премиерот Зоран Заев. Тој најави дека Владата презема засилени контроли и дека има истрага за злоупотреби со лекови што се даваат на рецепт.
Заев на седницата за пратенички прашања обелодени причини откриени преку анализа зошто граѓаните во државава не може да дојдат до лекови на рецепт во текот на целиот месец, туку само на почетокот на месецот.Тој рече дека нешто повеќе од една година се работи на ова прашање, дека контролите покажале злоупотреби и дека се прави комплетно информатички систем на контрола и најави целосно решение на проблемот наесен.
„Дел на проблемот се јавува кога се издаваат фиктивни рецепти од страна на лекари и истовремено со добро организирана форма – аптеки, фиктивните рецепти ги примаат и лековите доаѓаат кај луѓето без пари, потоа се тргува со нив во државава и во земји надвор од државава. Тоа се незаконски криминални активности, правиме сериозни истраги, ги засиливме мерките на контрола. Од 1 септември до 1 октомври мислам дека ќе го имаме решението. Целта е граѓаните да добијат лекови во кој било период од месецот“, рече премиерот Заев.