Евита схпк“ е фирмата која го доби тендерот за стерилизација што беше распишан од Министерството за здравство, стои на страната на Јавни набавки.

Во тек е период на жалби по што ќе следува потпишување на договорот, најави министерот за здравство Венко Филипче, без да прецизира за која фирма се работи.

„Имавме дебата и физибилити студија и донесовме одлука со која сакаме ја централизираме Стерилизацијата, односно приватната фирма да набавува униформи, нови инструменти, да врши дезинфекција на операционирте сали. До сега имавме огромни трошоци, медицинските униформи се стари, се зголемуваат болничките инфекции, а со ова ќе се подобри квалитетот“, изјави министерот Филипче.

Сепак, оваа физибилити студија за која е платен износ од 499 000 денари, не е јавно достапна и досега никој не ја видел.

Нејасно е, и зошто неколку месеци пред овој „стратешки проект за стерилизација“ повеќе клиники распишале милионски тендери за опрема и инструменти.

Со тоа се направени големи трошоци иако е предвиден голем тендер со кој приватен партнер треба да инвестира во опрема и инструменти. На пример, во септември минатата година имаше тендер за набавка инструменти на  Клиника за гинекологија  во вредност од 2.600.000 денари, во декември за хируршки инструменти во износ од 6.000.000 денари, на Клиниката за очни болести-3.000.000 денари, а во март годинава набавка на Министерство за здравство за лапараскопска хирургија во вредност од 34.229.676.00 денари, како и тендер на Клиниката за пластична хирургија.

Стерилизацијата во државата по замисла на ресорното Министерство треба да биде стационирана на четири локации : Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје, една резервна локација во Скопје која што ќе биде дополнително утврдена, како и во Општите болници во Кавадарци и во Охрид.

Со овој тендер Стерилизацијата треба да ја менаџира приватен партнер што предизвика бура од реакции кај стручната јавност и Асоцијацијата за дезинфекција и стерилизација, кои велат дека не биле консултирани и не било земено во обзир нивното мислење, а за самиот тендер сметаат дека е небулозен.