Дали сте забележале ситни бели или жолти точки на очните капаци, под очите, на носот или на образите? Тие тврдоглави мали израстоци се нарекуваат милија и всушност преставуваат мали цисти кои се формираат под кожата.
Настануваат кога делови од мртви клетки на кожата ќе останат заробени под неа и потоа се претвораат во мали цврсти бели топчиња. Внатре во нив има кератин, протеин кој го има во кожата и косата. Тие можат да пораснат и до 2 милиметри, но често се помали. Иако можат да се развијат кај секого, најчесто се појавуваат кај новороденчињата. Кај возрасните пак можат долго да траат. Како и да е, во двата случаи се безопасни и обично не е потребно да се лекуваат.
Никој не знае што точно ја предизвикува нивната појава и зошто кај некои луѓе е поизразена отколку кај други. Но, според некои извештаи, прекумерната употреба на тешки козметички препарати може да го поттикне нивното настанување.
Милијата исто така се поврзува со некои здравствени состојби, одредени лекарства и трауми на кожата, како изгореници, осип, дермаабразија, па дури и тетоважи. Во тие случаи, се работи за секундарна милија и тогаш топчињата можат да се појават каде било на телото.
Тие можат да се развијат на некои места на кожата откако прво ќе се создадат мали меурчиња, површни чиреви или трауми од други постапки.
Сличен процес се случува и со изгорениците од сонце. Бели топчиња може да се појават и кога кожата се лупи, при што мали парчиња од епидермисот остануваат заробени под површината на кожата.
Исто така, постојат лекови кои можат да придонесат за нивниот развој, како што се инхибиторите на тирозин киназа кои лечат разни видови рак и кортикостероидите.
Како да се ослободите од нив?
Милијата не треба да се лекува. Обично топчињата се губат за неколку недели до неколку месеци. Но, вие веројатно ќе сакате да се ослободите од нив без да чекате да се повлечат. Како и при други неправилности на кожата, и за милијата важи дека не треба да се стиска бидејќи тоа само ќе ја влоши состојбата на лицето.
Можете да посетите дерматолог и секако препорачливо е добро да го негувате лицето иако неправилната нега, односно нехигиената на лицето не е нивниот причинител.
Парењето на лицето или седењето под топол млаз вода во туш кабината може да ги омекне, после што дерматологот полесно ќе ги отстрани.
Некои пробуваат да се ослободат од нив во домашни услови со помош на ружина вода или манука мед, но нема доказ дека тие навистина помагаат. Исто така, не е препорачливо да се користат пилинзи, бидејќи тие можат да ја влошат ситуацијата.
Постојат некои докази дека лековите кои се базираат од ретиноиди од витаминот А можат да помогнат при лекувањето, па ако имате многу, вашиот доктор може да ви препише.
Кога треба да посетите дерматолог?
Ако сте решиле дека сакате да се ослободите од овие мали топчиња, посетете дерматолог. Тие се бенигни и не бараат лекување, но дерматологот може ги дијагностицира и да ви помогне доколку се надразнети или естетски ви пречат.
Самото отстранување во ординација е едноставно, бидејќи тие се површни, но сепак се нагласува да не се обидувате ова да го правите сами.