Во текот на утрешниот ден земјите ширум светот ќе го одбележат 1ви мај, Меѓународниот ден на трудот.
Овој празник е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците и се одбележува во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1. до 4. Мај 1886 година во Чикаго. На овој штрајк, работниците се избориле за утврдување на 8-часовното работно време.
За време на Штрајкот била употребана сила од страна на полицијата а неколку дена подоцна четворица од организаторите биле погубени. Во знак на почит кон жртвите, Втората интернационала на основачкиот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
Сепак, овој празник најмногу се одбележува во поранешните комунистички земји.
Така, во поранешна Југославија, 1 мај се славеше со првомајска парада и денот важеше за еден од најзначајните државни празници.
На парадата учестувуваа војниците и работниците, а централна фигура на настанот беше поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито.
За разлика од Југославија кога празнувањето траеше два дена, во Македонија, од 2007 година се одбележува само првиот ден во мај. Празникот не се одблежува во политички контекст, туку има социјален карактер.
За разлика од повеќето земји во светот, во САД меѓународниот ден на трудот наместо на 1.мај, се слави во првиот понеделник во месец септември. Всушност тие ги слават социјалните и економските достигнувања на американските работници, односно тоа е ден во чест на сето она што американскиот работник го има направено за просперитет и благосостојба на нивната земја.
Во некои земји во Северна и Централна Европа пак, празникот има пагански корени, и наместо празнување на добиените работнички права, се прославува плодноста при што се пие и пее долго во ноќта покрај запалените огнови кои се палат ноќта спроти 1.мај.
Во исто време, во повеќе земји работничките синдикати се уште организираат масовни протести на кои се истакнуваат нови барања за подобрување на работничките права при што често пати има и судири со полицијата.