Пристапноста претставува еден од најголемите проблеми со кој секојдневно се соочуваат лицата со телесен инвалидитет. Немањето доволно рампи, непремостливите високи рабници, скали пред институции, посебно пред објектите во кои се изведува настава претставуваат сериозна пречка за понатамошниот развој на овие лица, но и проблем поради кој не можат нормално да се вклучат во сите пори на општеството. Од Националниот сојуз се надеваат дека ваквата пречка ќе биде надмината со новиот закон за градење кој наскоро треба да се донесе, а за чиј текст тие имаат свои предлози.
-Ние се обидуваме да дадеме наши сугестии со кои ќе го подобриме текстот и во однос на тоа да не разговараме повеќе за тоа што значи пристапност. Тоа треба да стане универзален дизајн. Тоа треба да стане најнормална појава и никој повеќе да не размислува дали некаде ќе се изгради пристапна рампа, дали некаде ќе се постави лифт или не, вели Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност Македонија.
Својата порака дека знаат и можат, лицата со телесен инвалидитет ја испратија и преку традиционалната тортијада која веќе 22 години се одржува во Бања Банско. 11 здруженија од исто толку градови од државата на симболичен начин , преку подготовка на торти порачаа дека и тие се вешти, креативни и способни и имаат исти права.
-Да ја подигнеме јавната свест кај сите граѓани дека и лицата со инвалидитет знаат, можат и умеат да бидат рамноправни со останатите лица, вели Мери Туџарова, секретар на Мобилност Струмица.
-Тортата има тема „И ние сме родители“. Со тоа сакаме да ја подигнеме свеста кај народот, пред се институциите дека еве и ние лицата со посебни потреби сакаме да бидеме родители. Законите за семејство во Македонија во многу сегменти се косат со потребите кои ние како лица со посебни потреби ги имаме. Затоа тоа е нешто што мора да се промени со најскоро време, вели Верица Гугинска, член на Мобилност Струмица.
Паралелно со тортијадата се одржа и 25 републички квиз натпревар. Годинава на истиот учествуваа 15 екипи од исто толку здруженија членки на националниот сојуз Мобилност Македонија.