Јајце на ден може да им помогне на неухранетите мали деца да ја достигнат здравата висина, според откритијата на студија спроведена во Еквадор, која траела шест месеци. Без разлика дали се работи за тврдо или помалку варено јајце, пржено или омлет, изгледа дека јајцата им даваат на децата енергија за правилен раст и развој. Овој начин може да е и најевтиниот во борбата против заостанувањето во растот, велат истражувачите во списанието „Педијатрикс“.
Првите две години од животот се критични за раст и развој на децата. Лошата и недоволната исхрана се водечка причина за застој во развивањето, заедно со детските инфекции и болести. Според Светската здравствена организација, 155 милиони деца на возраст под пет години се премногу ниски за својата возраст. Повеќето живеат во земји со ниски и средни примања, а здравствените експерти бараат начини за да се справат со проблемот.
Лора Ијаноти и нејзините колеги спровеле експеримент во руралните средини во Еквадор, каде што на многу мали деца (на возраст од шест до девет месеци) им давале бесплатно да консумираат јајца за да видат дали таквата исхрана може да помогне.
Само половина од 160 деца што учествувале во истражувањето по случаен избор јаделе по едно јајце на ден во период од шест месеци – другите исто така биле набљудувани, за потоа да се направи споредба. Истражувачите ги посетувале семејствата на децата секоја недела за да се осигурат дека се држат до планот на студијата и за да проверат дали има некакви проблеми или нуспојави, вклучувајќи и алергија на јајца. Слабиот раст бил многу помалку присутен кај децата што консумирале јајца секој ден. Преваленцијата била 47 отсто помала отколку кај групата деца што не јаделе јајца, иако за релативно повеќето за децата што јаделе јајца се сметало дека се ниски за својата возраст на почетокот од студијата.
Некои од децата во групата во која не требало да се даваат јајца понекогаш консумирале, но ни блиску во толкава количина како децата што биле третирани во експериментот. Ијаноти, која го водела истражувањето, изјави:
– Изненадени сме од тоа колку ефективна се покажа оваа интервенција. Уште поважно е дека е достапна и може да си ја дозволат популациите што се особено ранливи за да се намалат гладот и недостигот на храна. Таа додала дека јајцата се одлична храна за младите деца со мали стомаци.
Професорката Мери Футрел, раководител на отсекот за нутриционизам на колеџот „Ројал“ за педијатрија и детско здравје, додава:
– На некој начин, изненадувачки е што не се спроведени повеќе истражувања кои би користеле јајца во зададена ситуација – иако знам дека во некои култури родителите не сметаат дека јајцето е прифатливо како храна за малите деца, бидејќи се загрижени за алергии. Јајцето е хранливо и може да биде вметнато во исхраната од моментот кога мајката ќе одлучи да го храни детето со овој производ, но не пред 4-месечна возраст. Таа додава дека јајцата секогаш треба да бидат добро зготвени за да се избегне потенцијален ризик од зарази.
СЗО препорачува мајките да ги дојат децата во првите шест месеци за да се достигне оптимален раст и развој. Потоа децата треба да примаат хранливи состојки преку други производи освен млекото, а и да се продолжи со доење до возраст од две години. Британската фондација за исхрана советува:
– Јајцата се хранлива состојка што треба да се вклучи, но многу е важно малите деца да добиваат разновидна храна. Не е доволно само да ги добиваат потребните витамини и минерали, туку и да им се дозволи да се запознаат со различните видови вкусови и текстури на храната. Храна полна со протеини им е потребна на малите деца, која освен што ќе вклучува јајца, треба да содржи и грав, риба, особено рибино масло, месо и млечни производи.