Утврдено е присуството на бактерии во лабораториските испитувања од ресторанот во Штип, каде пред десетина дена беа затруени дваесетина лица.
„Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри храна при извршениот инспекциски надзор од страна на Агенцијата и Државниот здравствен и санитарен инспекторат во објектот на компанијата ДПТУ „ Гицов „ ДООЕЛ Кочани, која подготвувала и доставила храна – пирошки во ресторанот во Штип каде пред десеттина дена беа затруени дваесеттина лица. Во земените мостри утврдено е присуство на бактеријата Salmonella Enteritidis и зголемен број бактерии на Enterobakteriacea, кои се сметаат за извор на заразата.“, велат од Агенцијата.
По појавата на нови случаи на труење со храна во Кочани викендов, досегашната истрага на инспекциските служби упатува на истиот извор на заразата, иако во епидемиолошката анкета, затруените лица не посочуваат објект од каде што е набавена храната предизвикувач на заболувањето.
Од страна на инспекциските служби на Агенцијата и Санитарната инспекција се прават напори за утврдување на потеклото на небезбедната храна и нејзино поништување“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Со цел расветлување на случајот и заштита на здравјето, апелираат, граѓаните кои набавиле храна од лица поврзани со оваа компанија, истата да не ја конзумираат.
„Доколку имаат сознанија за потеклото на вака нелегално дистрибуирана небезбедна храна поврзана со горенаведениот извор на заразата, истото, со точни податоци, да го пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, електронски на info@fva.gov.mk или во Државниот здравствен и санитарен инспекторат на бесплатната телефонска линија 0800 2 55 55“, апелира Агенцијата.