Владата планира во следните шест месеци да формира извршно тело што ќе се грижи за безбедноста на сообраќајот.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека во ова тело ќе бидат вклучени претставници од сите надлежни институции со цел да се намали бројот на жртви на патиштата низ Македонија.

– Побаравме до сите институции да испратат номинација на експерти кои ја познаваат оваа проблематика се со цел да формираме едно сериозно извршно тело кое ќе ги преземе сите мерки за да се надмине оваа ситуација која ја имаме моментално, изјави Сугарески, пред денешниот состанок на Секторската група за транспорт на Република Македонија.

Тој додаде дека при носењето на одлуката за потребата од едно вакво тело биле земени предвид сите аспекти, посебно бројката од 160 до 200 жртви во сообраќајот на патиштата низ државата.

На состанокот на Секторската група за транспорт денеска ќе биде разгледана и програмата поврзана со секторот транспорт за периодот 2014 – 2020 година, финансирана од ЕУ во висина од 128 милиони евра од кои 108 милиони се обезбедени од ЕУ и 20 милиони од Буџетот на Република Македонија. Меѓу другото ќе бидат разгледани неколку крупни проекти како што се третата делница од железничката пруга Крива Паланка – бугарска граница и 23-те милиони евра грант средства за експресниот пат Градско-Дреново.