Министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција денеска го потврди првиот случај на коронавирус во Македонија. Тој изјави дека станува збор за жена родена 1970 година која била во Италија еден месец. Македонија е трета земја на Балканот во која има потврден случај на коронавирус, откако вчера првиот случај беше регистриран во Хрватска, а денеска потврден е случај и во Солун, извести Грција. И во трите балкански земји пациентите биле во Италија, која има најголем број заболени во Европа.
Во Хрватска, пак е регистриран трет случај на заразен од коронавирус, соопштија властите, посочувајќи дека заразениот маж е сместен во болница во Риека, а работел во Парма во Италија. Хрватскиот министер за здравство Вили Берош денеска изјави дека досега се направени 87 анализи.
Коронавирусот полека, но сигурно ја бележи својата територија и на европско тло. Колку е спремен македонскиот здравствен систем да се справи со потенцијалното ширење на вирусот само времето ќе покаже. По потврдувањето на случајот во земјава, Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до сите државни институции и до работодавачите да ги превземат сите мерки за заштита на безбедноста и здравјето на работниците и на граѓаните.
Во меѓувреме министерството за здравство на Македонија не само што треба да се справи со новиот коронавирус и да го спречи неговото ширење, туку треба да се справи и со загриженоста на граѓаните. Во аптеките недостасуваат средства за дезинфекција на база на алкохол и маски за лице, а аптеките немаат информации кога истите ќе пристигнат. Одржувањето на личната хигиена и честото миење на раце, како и избегнување на места каде има поголем број луѓе, се мерките на претпазливост кои сите треба да ги превземеме.