Србија досега има евидентирано 9.791 заразени лица со коронавирус, 203 починати и 1.971 излечени граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.
Од вирусот во изминатите 24 часа починати се три лица, со што вкупниот број на починати се зголеми на 203 граѓани, со вкупна смртност од 2,07 отсто, изјави на владината прес конференција епидемиологот Дарија Кисиќ.
Во изминатите 24 часа, тестирани се 6.196 лица, од кои позитивни на вирусот се 114 граѓани, со што вкупно кај 9.791 лице е потврден случај на коронавирус, а излечени се 1.971 пациент.
Вкупно во Србија досега се тестирани 117.474 граѓани.
Се намлува и бројот хоспитализирани во Ковид болниците и во привремените центри, во кои до денес има 1.855 пациенти, од кои со влошена клиничка слика и на респиратор се 48 лица.
-Денешните податоци посочуваат дека за прв пат во Србија процентот на позитивни случаи на коронавирус е паднат под два проценти и тој изнесува 1,8 отсто или 114 новозаразени, што говори дека епидемијата се намалува и се очекува нејзин натамошен пад, но и порај се и укинувањето на вонредната состојба, остануваат мерките меѓу кои и носењето на средства за лична заштита, маски, ракавици и држење на растојание до два метри, кажа Кисиќ
Таа одговарајќи на новинарско прашање за можноста и начинот на влез во Србија на странски државјани по укинувањето на вонредната состојба, кажа дека за ова се уште се дискутира во Кризниот штаб, додавајќи дека најверојатно за влез во Србија ќе биде потребна и потврда на направен тест на вирусот Ковид 19.
Во Србија и денеска е во сила полициски час, што почнува во 18 часот и ќе трае до утре во 5 часот, а се очекува собранието да го усвои владиниот предлог за укинување на вонредната состојба, со што од четврток повеќе нема да има полициски час.