Општина Карпош е пред уште еден сомнителен проект кој е во фаза на изградба веќе некое време. За жителите на општината не е јасно за што станува збор, рекреативен парк или депонија.
Имено во паркот во скопската населба Карпош 4, кој беше најавен на стартот од годинава, засега само градилиште, се копаат длабоки дупки кои на големо се полнат со шут и смет. Ваквото работење на властите предизвикува страв кај локалното население бидејќи во непосредна близина на истиот се наоѓа заштитена бунарска зона од која домаќинствата добиваат вода за пиење. За каков шут и смет станува збор не е познато, жителите се загрижени и се сомневаат на градежни материјали, метал и железо.
„Шутот за кој што зборувате е прикаска стара повеќе од седумдесетина години. На истата локација и тоа како се фрлало шут и во минатото и до пред некое време. Сега во моментот, пополнувањето на дупките за да се добие квалитетна земја е завршен процес за целата таа локација“, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Богоев, пак вели дека бунарите се во изолиран дел и оти складирањето смет под паркот нема да ја загрози ниту животната средина, ниту пак водата. Зоната Д3 тоа е зона спорт и рекреација, тој простор беше измерен претходно и околчен каде се работи. Зоната Д2, каде се наоѓаат бунарите се од другата страна на патеката и тоа е подрачје заштитено од ЈП Водовод и канализација, вели градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
И покрај изјавите на надлежните, локалното население поднело пријави до Општината и до МВР. Оттаму признаваат дека на локацијата која треба да биде рекреативен парк се реди смет оти такви биле процедурите за да се добие цврста и квалитетна почва.
На градилиштето, пак се забележани товарни возила кои слободно истураат отпад и си заминуваат. Паркот се очекува да биде готов наесен.