Исклучително неверојатно е коронавирусот да почнал по инцидент во лабораторија во Кина, изјавија денеска истражители на Светската здравствена организација, кои веќе неколку дена се обидуваат да го расветлат потеклото на коронавирусот во Кина, пренесува „Скај Њуз“.
Истражувачите веруваат дека најверојатната причина за првичното избувнување на инфекцијата од коронавирусот е „скокање на вирусот“ од животно врз човек. Ова значи дека идните истраги нема да се фокусираат на лабораториски инцидент како можна причина за појавата на инфекцијата со коронавирусот.
Меѓународен тим научници од Светската здравствена организација, кој работи со кинески експерти, веќе некое време се обидуваат да откријат како почна пандемијата на коронавирусите. Тимот истражувачи на СЗО во изминатите неколку дена посетија клучни локации во Вухан, кинескиот град во кој беа пријавени првите случаи на инфекција, и во него разговараа со пациенти, здравствени работници и кинески научници.
Досегашните докази сугерираат дека коронавирусот „скокнал“ од животни врз луѓе, а тимот истражувачи на денешната прес-конференција соопшти дека се уште не се сигурни за каков вид животно станува збор и каде тоа точно се случило.
Научниците откриле и дека коронавирусот циркулирал во региони надвор од Вухан пред првиот пријавен случај на инфекција, пренесува „Скај Њуз“.