Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес конференција посочи дека се уште не е јасно зошто пет месеци чекавме вакцини. Одговорот е затоа што додека министрите низ светот бркаа вакцини, Филипче и Заев најверојатно бркаа провизии, па сагата со кинеските вакцини заврши со илјадници загубени животи, рече тој.

Во продолжение ви пренесуваме дел од интегралниот текст од одржаната прес-конференција:

– На 13-ти март објавив дека Филипче наместо по регуларен пат, тргнал да набавува вакцини преку фантом фирма од Хонг Конг – тоа е фирмата „Стабри Интернешенал“ со седиште во Хонг Конг, за која министерството за здравство и Венко Филипче првин тврдеа дека не постои, а потоа дека документите што ги објавуваме се лажни и неточни. Објавивме документи од кои се гледа дека вкупната вредност за набавката за 200.000 вакцини која требало да биде направена би била 12.5 милиони американски долари, што е 62.5 долари за вакцина. Тоа е дупло поскапо од цената што ја плаќале другите држави. Филипче негираше и се правдаше. До ВМРО-ДПМНЕ свиркач достави документи, од кои се гледа дека плаќањето било извршено. Ова е Налог за извршување на плаќање во странство остварен со акредитив во висина од 7.800.000 американски долари, уплатата е извршена од страна на министерството за здравство, во кое министер е Венко Филипче, преку сметка во НБРМ од буџетски средства, а примач е „Стабри Интернешенал“, вели Лефков.

Тој додава дека јавно го прашуваме Венко Филипче, дали ова се документите, кои беа лажни, дали ова се документите кои не постоеја и дали ова сега не е кредибилен документ дека исплатата е извршена? Дополнително каде требало да  завршат над 30 долари по вакцина односно над 6 милиони американски долари?

-Венко Филипче е должен да и одговори на јавноста зошто имал намера да купи вакцини по цена двојно повисока од таа која ја плаќале други држави? Каде требала да заврши разликата во цени? И кој требал да има профит од сето тоа? Одговорност мора да има, но не само политичка и морална, овој криминал, ова безобразие мора да биде санкционирано, потенцираше Лефков.