По пуштањето на веб страницата за пријавување за вакцинирање против Ковид-19, од Министерството за здравство информираат дека досега се пријавиле вкупно 37 300 граѓани. Иако апликацијата е во функција вакцини во државава нема. Причината е непотполната документација со која се соочи Србија и на која и беа побарани дополнителни формулари од страна на компанијата „Фајзер“.
Инаку преку системот за апликација ќе може да се пријави секој кој е заинтересиран да прими вакцина, а самиот систем ќе генерира приоритетни листи, односно ќе одлучува кој граѓанин ќе има предност пред другите кои се пријавиле. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Надлежните институции утврдија како ќе се одвива процесот на вакцинација. Во првата група се здравствените работници и лицата над 70 години.
Во Македонија се очекува влез на 8000 вакцини од компанијата „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија, а треба да пристигнат во следниве неколку денови. Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.
Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.