Мерките на претпазливост и стравот од можноста да се заразат со ковид-19 прават пациентите свесно да одбегнуваат да одат на своите рутински прегледи кај матичните лекари. Во состојба на нарушено здравје дел од нив остануваат дома и сами се грижат за своето здравје како знаат и умеат.
Од Клиниката за хематологија посочуваат дека ваквата состојба може да биде особено загрозувачка за пациентите кои имаат хематолошки заболувања. Токму затоа раното дијагностицирање и соодветниот третман на хематолошките малигни заболувања имаат клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот, вели директорката на Универзитетската клиника за хематологија, проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис.
Таа апелира граѓаните кои имаат потреба за преглед или лекарска консултација да не го одложуваат одењето на лекар. Ако пациентите се третираат навремено, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и квалитетен живот.
– Голем дел од пациентите од страв од самата пандемија остануваат дома, самите не можат да ги препознаат симптомите на малигна лимфаденопатија и сето ова води кон задоцнето поставена дијагноза, а со тоа и полош клинички исход за пациентите. Ги советувам пациентите да не се плашат од евентуална зараза со коронавирусот затоа што на клиниката строго се почитуваат и спроведуваат сите здравствени протоколи. Со цел прегледите да бидат побрзи и безбедни, со пократок ред на чекање и да се запази социјалната дистанца, а притоа пациентите да добијат современа и комплетна услуга, по принципот еден пациент во една ординација, работата на клиниката се одвива во две смени, посочува Ставридис.
Имајќи ја предвид важноста на навременото дијагностицирање на ваквите заболувања, Здружението за хематологија на Македонија изработи и нов Алгоритам за дијагностика на зголемени лимфни јазли во тек на пандемија. Новиот алгоритам веќе е достапен за сите матични лекари и општи болници на ниво на целата држава.