Според информациите кои денеска се пренесоа во македонските медиуми, човек кој нема особени познавања од областа на ИТ технологијата, успеал за седум минути да собере дури 140 документи со лични податоци од сајтот вакцинација.мк. Документите во себе вклучуваат единствени матични броеви, електронската книшка, видот на вакцината, каде и кога сте вакцинирани и други податоци од лична природа.
Човекот загрижен за безбедноста на податоците анонимно се обратил на еден од нашите тв медиуми со цел да алармира колку лесно може да се упадне во системот, особено ако се знае дека доколку тие податоци паднат во погрешни раце можат да бидат злоупотребени. Тој посочил дека целта му била да си го преземе сопствениот сертификат за вакцинација, но само за неколку минути успеал да влезе во системот и да оствари увид во личните податоци.
На страницата вакцинација.мк пишува дека контролор на личните податоци кои ги давате е Министерството за здравство, а дека самите ги одржуваат серверите и сите активности на веб страната, вклучувајќи ги логовите кои се креираат и анализата на податоците кои се пренесуваат од посетата на веб страната. Активностите на обработка на лични податоци поврзани со on-line услугите достапни преку интернет страната на МЗ, се извршуваат од страна на вработените одговорни за овие услуги или лицата задолжени за извршување на предметните активности.
Не споделуваме податоци за Вас и/или за Вашата посета на нашата веб страна, на трети лица, освен во следните случаи: во случај на ангажирање на даватели на услуги ако МЗ ги ангажира како обработувачи со што ќе бидат обврзани да постапуваат по упатствата на МЗ и обезбедат заштита на личните податоци кои се обработуваат при обезбедувањето на тие услуги. По барање на суд, полиција или други органи и тела за вршење на нивните надлежности и само ако постои законски основ за тоа – стои во делот приватност на оваа веб-страница.