Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека поради детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Северна Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи.
– Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, изјави Филипче по средбата со академик д-р Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија од Македонската академија за наука и уметности (МАНУ).
На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на РС Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемилошка вредност, тоа ќе важи за сите.
До крајот на неделава, информира Филипче, со членовите на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки. Според него, логично е да се очекува дека новиот сој побрзо ќе се шири, но доколку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен колективен имунитет, колку и да е позаразен, нема да се повтори сликата со претходниот британски сој и тогашниот силен бран.