Во текот на денешниов ден, по македонските медиуми се пренесе информацијата дека најавениот скрининг од Министерството за здравство кој требаше да се спроведе кај учениците од основните и средните училишта во текот на неделава која изминува, се уште не е започнат.

Според мислењата на експертите иако бројката од 8200 ученици и не е така голема, бидејќи во земјава над 200 илјади ученици посетуваат настава, сепак ќе биде доволна за да се добие одреден показател во однос на тоа дали децата се или не асимптоматски носители на вирусот Ковид-19 и воедно дали некое дете е заразено со вирусот или не.

Селекцијата на учениците според најавите на МЗ ќе се одвива по случаен избор со барање согласност од родителите за тестирање на нивното дете. Од Министерството за здравство во одговор за еден од нашите телевизиски медиуми информирале дека во моментов се прецизира во кои училишта децата ќе се тестираат, а од вторник ќе започне прибирањето на дозволи од родителите или старателите.