Светската здравствена организација (СЗО) нема да ја исполни својата цел до крајот на годината во секоја земја да бидат вакцинирани 40 отсто од населението, а особено се сериозни недостатоците во Африка, за што голем дел од вината им се препишува на богатите земји кои создаваат залихи од вакцините против ковид-19.
Од 194 земји-членки на СЗО, приближно половина нема да ја исполнат целта. Ниту десет отсто од населението не е вакцинирано во околу 40 земји. СЗО голем дел од вината препишува на залихите на вакцини, особено меѓу неколку богати западни земји кои веќе спроведуваат дополнителни вакцинации.
Досега се употребени повеќе од 8,6 милијарди дози вакцини во светот, но најмногу во побогатите земји кои можат да си обезбедат свои договори со производителите на вакцини. Десетици земји зависат од залихите на „Ковакс“ – програмата за дистрибуција на вакцини поддржана од ОН, дизајнирана да доставува вакцини во посиромашните земји.