Откако Агенцијата за храна и ветеринарство ја пренесе информацијата дека производот виршли од марката „Вуди“ се повлекуваат од продажба во Македонија и во регионот, поради потврдено присуство на бактеријата Листерија, пренесуваме неколку информации поврзани со бактеријата, нејзиното влијание врз човечкиот организам како и симптомите кои ги предизвикува.
Листериоза е бактериска цревна инфекција која настанува по консумација на храна контаминирана со бактерии од родот Листерија и тоа најчесто се работи за видот Листерија Моноцитогенес. Оваа бактерија е широко распростанета во природата, може да се најде во почва, вода, но и во дигестивниот тракт на животните.
Бактеријата Листерија може да расте на температури пониски од 0⁰ C па се до 45⁰ C, така што може да преживее и да се размножува на вообичаената температура во фрижидерите, што ја прави особено опасна. Се разбира добрата термичка обработка на храната, варењето и печењето ги уништува сите бактерии. Но храна која не е оладена на температура на фрижидер, како и онаа која пресопоро се ладела, изложена е на зголемен ризик од размножување на бактерии. Овде се мисли на храна како младо сирење, паштета, димена риба, сувомеснати производи, итн.
Постојат два клинички облици на листериоза: неинвазивна и инвазивна. Неинвазивниот облик е блага форма на болеста со симптоми како: дијареја, зголемена телесна температура, главоболки и болки во мускулите. Инкубацијата на бактеријата е кратка и трае неколку дена.
Инвазивната листериоза е посериозна болест која се јавува главно кај високо ризичните групи на луѓе. тука спаѓаат трудници, онколошки пациенти, пациенти болни од СИДА, трансплантирани пациенти и други лица кои имаат ослабен имунитет, повозрасни личности и деца. Симптомите вклучуваат: зголемена телесна температура, главоболки, вкочанет врат, повраќање, губење рамнотежа, а кај потешки случаи може да се јави и вртоглавица, конвулзии и паразила на различни мускули од телото. Инкубацијата трае од 1 до 2 недели, но може да биде и во опсег до 90 дена.
Болеста се лекува со антибиотици, а најдобриот начин е превенцијата која подразбира термичка обработка на храната од животинско потекло, пастеризација на млекото и млечните производи и миење на овошјето и зеленчукот пред јадење.