Централизирање на лабораториите кое е предвидено со новиот тендер за реагенси внесе неизвесност и незадоволство кај вработените во биохемиските лаборатории. Поголема група на лекари, биохемичари, биолози, лаборанти денеска одржале состанок со Синдикатот на Клиничкиот центар, по што утре треба да се сретнат со министерот за здравство Венко Филипче. Од него ќе бараат да им ја објасни суштината со централизацијата со која анализи на крв ќе се прават само во 12 лаборатории во државата.
- Има незадоволство и несигурност од оваа централизација. Не се знае што ќе биде со вработените на кои ќе им се намали обемот на работа во другите лаборатории во болниците, тие ќе бидат под притисок дека се вишок. Покрај тоа што може да се јави вишок на вработени, пациентите ќе мора да доаѓаат по 2-3 пати од внатрешноста бидејќи после 10 часот нема да се зема крв. Ова се нови работи кои можат да внесат проблеми и затоа ќе побараме објаснување од министерот. Доколку е реално тоа што е одлучено, ќе го прифатиме, но ако има отпуштања од работа ќе се спротивставиме, изјави др. Горан Беговиќ претседател на Синдикатот на Клинички центар.
Од Синдикатот сметаат дека со централизацијата непотребно се оптоварува Клиничка биохемија, а се уриваат лаборатории во болниците и клиниките кои работат добро и вршат многу анализи. Вработените пак, очекуваат дека ќе реагираат и здруженија на пациенти бидејќи со ова се очекува да бидат загрозени и нивните права.
станува збор за голема централизирана набавка на реагенси за наредните три години за кој министерот за здрваство Венко Филипче смета дека ќе донесе голема заштеда. Стручната фела посочува дека со оваа набавка се предвидуваат тектонски поместувања во системот на функционирање на лабораториите што ќе има негативни последици за пацинетите, но и за вработените.
Тендерот предвидува вкупно 12 централни лаборатории да ги изработуваат анализите и во нив крвта ќе биде транспортирана од другите здравствените установи во држава. Според најавите, биолошкиот материјал, односно крвта ќе се собира од 10 и 30 до 14 часот, а резултите пациентите ќе ги добиваат дури наредниот ден.
На скопоските клиники велат дека ова ќе биде голем проблем не само за воспоствувањето на дијагноза и пружање помош што побргу, туку пред се за пациентите кои од други градови во внатрешноста ќе мораат да патуваат утредента повторно за лекарот да ги види резулатите и да им напише терапија. Со тоа се создаваат дополнитени трошоци за пациентите, а се зголемуваат и болничките денови.