По повеќе од десет години конечно пациентите ќе можат одредени лекови кои досега ги купуваа од свој џеб,или ги купуваа од странство да ги земаат со рецепт од аптека. Позитивната листа се проширува за десетина нови лекови.

Како што информираат од Фондот за здравствено осигурување проширувањето на позитивната листа е на лекови со 59 бренд заштитни имиња и тоа за: крвни болести – антикоагуланси (Prasugrel, Ticagrelor), болести на срце и крвни садови – против висок притисок и високи масти (Nebivolol, Perindopril, Valsartan, Fenofibrate), за централен нервен систем – антидепресиви и за третирање деменција (Escitalopram, Memantine, Duloxetine).

– Управниот одбор на Фондот, донесе одлука за дополнување на Позитивната листа на лекови со вкупно девет лека по генеричко име, односно, по форма и јачина фактички позитивната листа се проширува за вкупно 20 лека- информираат од Фондот за здравство и дополнуваат дека проценетото влијание врз буџетот на Фондот на годишно ниво е околу еден милион евра.

Според нив ова е прво дополнување на листата по 2014-та година. Фондот е посветен на пристап кон подобри лекови и ги охрабрува сите чинители кон натамошни дополнувања.

Како што информираше деновиве новиот директот на Фондот за здравство, Сашо Клековски во иднина почесто ќе се ревидира позитивната листа. Односно нема веќе да се остави со години пациентите да чекаат лекот да може да го земат од аптеките ширум земјава со рецепт и партиципација.

За премиерот ценам дека ова е после долго време освежување на онаа листа по насока на додадена вредност на здравствените осигуреници“, објасни претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе има надополнување на позитивната листа на лекови.

Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од тоа што се проширува позитивната листа на лекови и очекува дека во иднина таа уште повеќе да се проширува. Тој нагласи дека лековите во иднина нема да се набавуваат преку привилегирани семејни веледрогерии.

-Ја поздравувам, честитам и очекувам и во иднина уште повеќе да се проширува, со што ќе се стави фокус на објективноста, а не на привилегирани семејни веледрогерии коишто изминативе децении го исцицаа здравствениот систем и практично го доведоа здравствениот систем ваков како што е триплирани вредности на медицински апарати, лекови итн. И сега сакаат огромни суми на камати на грбот на граѓаните да спечалат па блокираат здравствени установи итн., изјави премиерот Мицкоски.

Владата како што рече премиерот нема друг интерес освен интересот на граѓаните и пациентите.

-Сѐ ќе испитаме, сѐ ќе истражиме но, ја поздравувам одлуката на директорот на Фондот, само така треба да се продолжи да се работи за еден интерес е тоа, интересот на граѓаните и пациентите, немаме друг интерес, подвлече Мицкоски.

Министерот за здравство Арбен Таравари уште од првиот ден кога седна во министерската фотелја кажа дека меѓу пврите приоритети од неговиот мандат ќе биде проширувањето на позитивната листа. Тој акцент стави и на онколошката терапија која исто така треба да се надополни со нови, бидејќи има поплаки од пациентите дека некои лекови со години ги купуваат во соседството.