Едно лице било тешко повредено, а седум полесно повредено во вкупно девет сообраќајни несреќи кои се случиле изминатото деноноќие во Скопје, информира СВР Скопје.
Полицијата санкционирала 43 возачи кои возеле со брзина поголема од дозволената, а исклучени од сообраќај биле 29 возачи. Од нив тројца возеле пијани, 20 управувале со возило без дозвола, а двајца биле возачи-почетници.
Со истечена важност на дозволата биле санкционирани 15 лица, а пајак службата поради непрописно паркирање подигнала 54 возила.
Во меѓу време, скопјанецот Е.Ш.(28) од селото Марино вчера бил тешко повреден откако бил застрелан со повеќе истрели од огнено оружје од возило во движење, во селото Студеничани.
Истрагата утврдила дека на вооружениот инцидент му претходела тепачка меѓу Е.Ш. и К.А. (41) од Студеничани. По тепачката, К.А. од возило во движење истрелал неколку куршуми во Е.Ш. Повредениот со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Клиничкиот центар. Полицијата извршила увид и го расчистува инцидентот.