Здравствените установи во внатрешноста кубурат со медицински кадар. На штипската болница и фалат лекари, сестри и болничари и барањето за 100 вработувања веќе го доставиле до Министерството за здравство. Истата бројка ја бара и Здравствен дом Скопје на кои им требаат нови вработувања во превентивните тимови, во Брза Помош како и фармацевти во инсулинските аптеки. Без доволно специјалисти се и болниците во Прилеп и Велес. Од друга страна, пак, само од тетовскиот регион осумдесетина доктори изминатите две недели ги земале потврдите од лекарската комора и ќе работат во странски болници. Експерти предупредуваат дека со ова темпо на одлив на кадарот, за две години ќе нема кој да ги лекува пациентите. Министерот за здравство, пак, испразнетите места ќе ги решава со проектот за регионализација.
-За оние места каде има дефицит ќе одат лекари од една во друга болница и со тоа всушност сер овозможува дополнителна работа на лекарите, вели Венко Филипче, министер за здравство. Нема конкретни рокови од министерот, што ќе преземе на краток рок за да не дојдат во ситуација да затвораат болници поради немање на кадар. Филипче очекува да ги задржи лекарите и со најавите за зголемување на платите како и едукација од странски експерти кои веќе почнале да доаѓаат во земјата.
-Веќе се дојдени кардиохирурзи кои ќе работат со наши лекари овде а ќе има и други, вели Филипче.
И додека министерот очекува овие мерки да дадат резултати, покрај лекарите земјата масовно ја напуштаат и медицински сестри и дипломирани физиотерапевти, кои велат дека во странство нивната професија е многу поценета и платена.